МЗШВ и ФАО започнаа со утврдување на приоритетите за новите проекти поддржани ФАО

Date of publication: 
13 October 2017
22494534_10156202954665628_844157370_o.jpg

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО), денеска заедно со Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство започнаа со утврдување на новите приоритетни области од  Програмската рамка на ФАО за Република Македонија, за период 2018 – 2020. Во Програмата  ќе бидат утврдени приоритетните области кои се произлезени од стратешките документи на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство,  првенствено од Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2014 – 2020, што беше изготвена со помош на ФАО, а во рамки на овие области ќе бидат планирани конкретни проекти и програми за идната техничка поддршка од страна на ФАО. На денешната работилница со претстваниците од ФАО и од МЗШВ беше потенцирано дека при планирањето на помошта треба да се има предвид, за кои области ФАО поседува техничка експертиза и компаративна предност во однос на други меѓународни организации, како би се постигнал максимален ефект и најдобри резултати од идните проекти.

Откако ќе се усвои Програмската рамка од страна на Владата и од страна на ФАО, двете страни ќе се обврзат да ги стават на располагање потребните човечки, финансиски ресурси и материјални средства  за успешно да се спроведат предвидените проекти. Ова е многу важно од аспект на планирање на динамиката на спроведување на приоритетните проекти и временската рамка за остварување поставените цели во рамки на надлежностите на Министерството за земјоделство, шумарство и воедостопанство.

На работилницата, претстваниците од  Министерството за заемјоделство, шумарство и водостопанство ги презентираа приоритетите на Владата во земјодеслтвото во наредниот период, групирани во неколку специфични области:

  • Реструктурирање и модернизација на земјоделско-прехранбениот сектор,
  • Уредување на пазарите, организација на прехранбениот синџир од фарма до трпеза и подобрување на квалитетот на земјоделските производи,
  • Подобрување на условите за живот руралните средини преку мерките на Програмата за рурален развој,
  • Континуирано инвестирање во обука на земјоделците, трансфер на знаење и поддршка на советодавните услуги, првенствено преку зајакнување на капацитетот на Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството,
  • Заокружување на системот за безбедност на храната и подобрување на неговата ефикасност и функционалност,
  • Одржливо управување со природни ресурси и ублажување на влијанието на климатските промени врз земјоделстовто.

Како потенцијални области за поддршка од страна на ФАО беа потенцирани и идните инвестиции во водостопанството, преку изработка на национална стратегија за наводнување и одводнување и развивање модел за ефикасно управување со системите за наводнување.

Во шумарството беше посочена можноста за  инвентаризација на шумскиот фонд, за која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доби согласност од ФАО за ревизија на постоечката методологија за инвентаризација.

Како важна потенцијална област за поддршка беше споменат и системот за управување со ризици во земјоделското производство, кои би ги вклучиле и ризициите од временските непогоди и потребата од осигурување на земјоделското производство.