Новости

Зголемена субвенција од 7 денари за килограм предадени домати во преработувачки капацитети
Дата на објава: 
26 Јуни 2018
DSC_9108.JPG

Владата на денешната седница донесе одлука за измени на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања за оваа 2018 година.
Со измените висината на субвенциите за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети, се зголемува од постоечките 3 денари на 7 денари за килограм. Оваа интервентна мерка ќе важи за земјоделците кои ќе ги предадат доматите во преработувачки капацитети или преку регистриран откупувач од утре до 15 јули годинава.
Во определениот период се очекува да се откупат околу 500 тони домати. За исплата на зголемената субвенција се планирани 2 милиони денари, пари кои се во рамки на расположливите средства од Програмата.
МЗШВ донесе одлука за зголемување на субвенцијата поради нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката, како и ниската откупна цена. Со ваквата интервентна мерка се очекува стабилизирање на пазарот на домати, а вишокот од производство да заврши како суровина во преработувачката индустрија.


Уште 5 дена трае јавниот оглас за давање под закуп на државното земјоделско земјиште на поранешниот агрокомбинат Џумајлија
Дата на објава: 
25 Јуни 2018
logo_mzsv.png

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги известува сите заинтересирани, дека Јавниот оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари во регионот на Свети Николе, трае петок оваа недела, односно до 29.06.2018. Станува збор за дел од земјиштето кое беше во сопственост на поранешниот агрокомбинат Џумајлија.
Понудите доставени по овој јавен оглас ќе бидат јавно отворени на 02.07.2018 година, понеделник, во големата сала за состаноци во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ул. Аминта Трети бр.2 Скопје, со почеток од 10 часот.
Со јавниот оглас се опфатени 907 хектари, поделени во 10 блока. За разлика од претходните огласи, кога имаше дополнителни услови во однос на предвидена инвестиција и со рокот за изведба на инвестицијата, сега во овој оглас не се предвидени дополнителни услуги, со што се релаксираат условите за учество.


Интервентна субвенција од 4 денари за предадени домати во преработувачки капацитети
Дата на објава: 
24 Јуни 2018
logo_mzsv_9_0_0.png

Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство ќе помогне во решавање на откупот на доматите со интервентна субвенција од 4 денари за килограм предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети.

На овој начин со постоечката дополнителна субвенција за предаден зеленчук во преработувачки капацитети од 3 денари за килограм, производителите на домати ќе добијат вкупно 7 денари субвенција за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети.

Одлуката се очекува да биде донесена следната недела на седница на Влада. Ваквата одлука ќе важи за сите земјоделци кои ќе го предадат доматот во преработувачките капацитети до 15 јули годинава.

Оваа интервентна субвенција од 4 денари за килограм домат предаден во регистрирани преработувачки капацитети ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откупот на домати во овој период до 15.07.2018 година.


МЗШВ договара откуп на вишокот на домати од страна на домашните преработувачките капацитети
Дата на објава: 
21 Јуни 2018
logo_mzsv_9_0.png

Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство континуирано ја следи состојбата со откупот на земјоделските производи. Во врска со откупот на доматите и нивната откупна цена , истакнуваме дека изминативе три недели тимови од МЗШВ се постојано на терен и во комуникација со откупувачите и со земјоделските здруженија. Почетната откупна цена на доматите беше 25 до 30 денари за килограм, а сега е 10 до 15 денари за килограм. Точно е дека во моментов е отежнат откупот, заради тоа што расте понудата на нашите традиоционални пазари од тамошни домашни производители, што влијае врз отежнување на откупот на македонските домати. Но, со цел да им се излезе во пресрет на земјоделците, МЗШВ веќе е во комуникација и договара, вишокот на домати да го откупат домашните преработувачките капацитети.


Потпишани првите 13 договори за набавка на трактори од ИПАРД 2 Програмата
Дата на објава: 
21 Јуни 2018
IMG_9512.JPG

Денеска се потпишаа првите 13 договори од вкупно 692 потенцијални корисници на средства од ИПАРД 2 Програмата. Вкупната поддршка за набавка на трактори од ИПАРД 2, е околу 5,8 милиони евра. Од нив над 1,4 милиони евра се од Националното финансирање, додека близу 4,3 милиони евра се од Европските средства. Со оваа сума ќе бидат опфатени сите што имаат комплетни апликации.
Ова е рекорден број на потенцијални корисници на средства преку оваа мерка, и воопшто преку ИПАРД програмата. Со потпишување на овие договори, се вбризгуваат нови средства во домашниот агро – сектор, кои придонесуваат за унапредување на домашното земјоделство.


Syndicate content